Меѓународниот монетарен фонд денеска препорача дека во наредниот период Владата треба повеќе да штеди, со цел да се подобри фискалната рамнотежа. За растот ММФ потврди дека е над просекот во регионот. На буџетската страна сметаме дека е потребна посебна консолидација. Во новата среднорочна фискална стратегија за периодот 2015-2017, се вклучени повисоки таргети на дефицитот отколку оние во претходната стратегија. Ова значи дека стабилизацијата на долгот ќе се случи подоцна и на повисоко ниво, изјави на вчерашната прес-конференција шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Ивана Влаткова-Холар. ММФ има три препораки за Македонија. Прво, ако приходите се остварат подобро од проектираното во буџетот тие треба да се заштедат за подобрување на фискалната рамнотежа наместо да се потрошат. Со поскоро и посилно усогласување ќе се гарантира достигнување на идните таргети на дефицитот и на долгот. Второ, ако потфрлат приходите, треба да постои резервен план со кој ќе се утврди редоследот во приоритетите во намалување на трошоците.
Меѓународниот монетарен фонд денеска препорача дека во наредниот период Владата треба повеќе да штеди, со цел да се подобри фискалната рамнотежа. За растот ММФ потврди дека е над просекот во регионот.
„На буџетската страна сметаме дека е потребна посебна консолидација. Во новата среднорочна фискална стратегија за периодот 2015-2017, се вклучени повисоки таргети на дефицитот отколку оние во претходната стратегија. Ова значи дека стабилизацијата на долгот ќе се случи подоцна и на повисоко ниво“, изјави на вчерашната прес-конференција шефицата на Мисијата на ММФ за Македонија, Ивана Влаткова-Холар.
ММФ има три препораки за Македонија.
„Прво, ако приходите се остварат подобро од проектираното во буџетот тие треба да се заштедат за подобрување на фискалната рамнотежа наместо да се потрошат. Со поскоро и посилно усогласување ќе се гарантира достигнување на идните таргети на дефицитот и на долгот. Второ, ако потфрлат приходите, треба да постои резервен план со кој ќе се утврди редоследот во приоритетите во намалување на трошоците. Ова ќе помогне за заштита на фискалниот таргет и за заштита од неодржливи намалувања на расходите, на пример како оние за инвестиции и трансфери. Трето, во периодот до воспоставување на планираното фискално правило ќе биде важно јавниот долг да се одржи на прифатливо ниво под планираниот праг од 60 проценти од БДП. Овој праг е всушност плафон, а не таргет, што значи дека во нормални услови политиката треба да биде насочена кон одржување на долгот на прифатливо ниво под тоа ниво“, рече Холар.
Нивната процена тимот на ММФ ќе ја финализира во извештај, кој ќе го претстави на бордот.
Според Холар, економскиот раст на земјава е над просекот во регионот, и е проектиран да изнесува околу 3,5 проценти во 2014 година и незначително да се зајакне во следната година. „Домашните инвестиции се поддржани со јавни инфраструктурни проекти, приватната потрошувачка е исто зголемена поради зголемениот раст на кредитите, растот на вработувањето и зголемените реални плати и пензии. Дефлацијата се очекува да биде привремена. Во овој контекст сметаме дека треба да заврши релаксирањето на монетарната политика“, рече Холар.
Владата треба да донесе стратегиска одлука за одржување ниски даноци за инвеститорите. За управувањето со јавен долг е потребно континуирана добра соработка меѓу Министерството за финансии и централната банка. „Препорачуваме стратегијата за управување со јавен долг, да вклучи поширока дефиниција за долгот на јавниот сектор, вклучувајќи ги сите задолжувања на претпријатијата во државна сопственост“, рече Холар.
Македонската економија во првите девет месеци од годинава оствари солиден, добар економски резултат, кој всушност покажува дека економските политики на земјата се здраво поставени и водени, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески. Според него, тие се базираат на два столба, првиот се високите капитални инвестиции од буџетот, и вториот е привлекувањето на странски инвестиции. „Во 2014 година растот ќе биде меѓу 3,5 и 3,8 отсто, што е една од највисоките стапки, можеби и највисока во Европа. За следната година очекуваме растот да изнесува 4, можеби и над 4 отсто, доколку светската економија, особено европската, не навлезе во нови рецесиски движења“, рече Ставрески. Според него, буџетските приходи се на ниво на планираните.
„Државниот долг е на ниво најниско во Европа и во регионот и ќе остане во таа насока. Со мерките за фискална консолидација ќе одиме со постепено намалување на буџетскиот дефицит во наредниот период, но тоа намалување, како што препорачува и ММФ, треба да се прави постепено, за да не се нарушува растот. Македонија тоа не треба да го прави нагло“, вели министерот. Во насока на тоа се и најновите уставни амандмани кои ги предложи Владата, со кои буџетскиот дефицит се позиционира на 3 отсто од БДП, а јавниот долг на 60 отсто. Според него, тоа се максимално дозволените вредности, што не значи дека Владата нема да се труди и да оствари и пониски нивоа.
„Монетарната политика продолжува внимателно да ги следи сите движења во македонската економија и соодветно ќе се приспособи во наредните години, се' со цел да се задржи рамнотежата во економијата и на тој начин да создадеме стабилни макроекономски услови за продолжување на економскиот раст во наредните години, кој би требало и би можел да се движи меѓу 4 и 5 отсто во наредните години“, вели гувернерот на Народна банка на Македонија, Димитар Богов.